Расправија поради место за седење е причина за синоќешната физичка пресметка помеѓу двајца малолетници во автобус на ЈСП во Кисела Вода.

Како што информираат од МВР за МИА, синоќа околу 19:33 часот во СВР Скопје е пријавено дека полициски службеник задржал две лица кои кај Стара Рампа, бидејќи го нарушиле јавниот ред и мир во автобус број 51 со физичка пресметка во која бил употребен остар предмет.

Имено, откако по вербална расправија за место за седење малолетник од село Моране извадил остар предмет да нападне малолетник од село Студеничани, не успеал во намерата и повредил малолетен другар од село Студеничани, а се повредил и самиот. По преземени мерки и активности од страна на полициските службеници обезбедени се сите учесници во настанот. За случајот е известен јавен обвинител и по документирање на случајот против сторителите ќе биде поднесен соодветен поднесок, велат од Министерството.

Од МВР додаваат дека двајцата малолетници со посекотини на рацете биле пренесени во ГОБ „Наум Охридски“.

Претходно од Градската болница за МИА информираа дека истата вечер во 20 часот биле примени две лица со повреди од остар предмет. Едно лице било препратено на скопските клиники, додека другото на домашно лекување.