Македонија е единствената држава која од моментот кога го вовела Вториот пензиски столб нема направено никаква промена. Надлежните институции во моментов ги прават сите анализи, а со претстојната мисија на Меѓународниот монетарен фонд ќе се разгледуваат сите можни опции. Овие информации ги соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска при одговарање на новинарски прашања.
Министерката објасни дека при разговорите детално биле презентирани состојбите во земјата уште од самиот почеток на проектот во 2000-та година и подоцнежното законско решение.
„Ние разговаравме и морам да кажам дека кога ги објаснувавме ситуациите што се случуваат во Македонија и како од 2000-та година кога почнал овој проект, бидејќи почнал во 2000-та, а подоцна веќе се донесе и законско решение – замислата била една, тогаш била замислата дека приносот кој што идните пензионери ќе го остваруваат во Вториот столб ќе биде повисоко од она што значи раст на економијата. Во овој момент ние имаме раст на економијата повисок од приносот кој што го остваруваме, а кој што е некаде околу 2 отсто. Сето тоа беше објаснето. Морам да кажам дека во ММФ привлековме многу големо внимание, имавме средба со заменикот на претседателката на ММФ. Тој рече дека дополнително ќе направат анализи на тоа што се случува во Македонија, ние имаме мисија сега во ноември на ММФ и врз основа на тоа дури и рече дека ќе го искористи како Кејс стади (Студија на случај) за настани кои што ги организираат во Шангај во ноември каде што ќе зборуваат исклучиво за пензиските фондови“, рече Димитриеска Кочоска.
Таа потенцираше дека на глобално ниво постојат земји кои го национализирале Вториот столб, држави кои за време на кризата во 2020 година ги запреле трансферите, како и системи со различни модалитети кои во моментов детално се разгледуваат.
„Но она што е значајно што треба да се каже дека за 2027, имајќи предвид дека ние немаме во моментот какви било законски измени, ние си остануваме и понатаму со тоа дека трансфери кон вториот столб ќе има, тие се предвидени со буџетот“, појасни Димитриеска Кочоска.
Министерката упати порака и до помладата популација во однос на нивните идни пензиски заштеди и очекувања од сегашниот модел на осигурување.
„Јас би порачала на секој еден млад човек, којшто одвојува средства за Вториот столб, повеќе да посветите внимание на пресметките и да видите дали навистина Вториот столб ги дава резултатите и дали вие ќе бидете задоволни со тоа што ќе го добиете кога ќе се пензионирате“, порача Димитриеска Кочоска.
Таа потсети дека во постојната поставеност две третини од идната пензија ќе доаѓаат од државниот фонд, додека една третина ќе се обезбедува од Вториот столб.
„И таа една третина ќе доаѓа толкав период колку што ние ќе кажеме кога ќе се пензионираме на пензиското друштво, на пример 5 години, по што ќе направат план и така ќе ни ги исплаќаат средствата. Притоа што после тие пет години, значи ние остануваме понатаму да чекаме пензија од државниот пензиски фонд? И ако мислиме дека ќе пропадне, тогаш од старт значи да очекуваме дека ние нема да може да преживееме и да се прехраниме. Затоа не смееме да размислуваме така, туку напротив дека точно треба да гледаме како да го стабилизираме фондот, треба да гледаме како понатаму, но затоа велам, сега се прават сите анализи, ние сме отворени“, посочи Димитриеска Кочоска.
Премиерот Христијан Мицкоски исто така посочи дека нема проблеми во тековното одржување на пензискиот фонд и редовната исплата на пензиите. Според него, потребни се мерки за спречување на идни девијации, со оглед на тоа што задолжителниот втор столб не ги дал очекуваните ефекти. Насоката во која се размислува е овозможување право на избор за граѓаните дали сакаат да издвојуваат во вториот столб или целосно да останат во државниот фонд, по претходна сеопфатна експертска и јавна дебата.
