Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се огласи по изборниот пораз на кандидатот на коалицијата „Твоја Македонија“, Стојанчо Радичевски, во вториот круг од локалните избори во Брвеница. Тој оцени дека неговата партија настапила сама против сите, додека противниците ја имале поддршката на демографијата, националната карта и, како што наведува, по некој „тројанец“ за одвлекување гласови.
„Сами против сите. Ние со изборна програма и концепт, тие со поддршката на демографијата, националната карта и по некој тројанец за одвлекување на гласови“, напиша Мицкоски.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ забележала раст на поддршката во споредба со првиот круг. Според неговите податоци, бројот на гласови се зголемил од 3.000 на 4.200, додека во споредба со парламентарните избори растот изнесувал 1.300 гласа. Сепак, Мицкоски призна дека тоа не било доволно за целосна победа.
„Сепак, растот на гласови од првиот круг е јасен и чист од 3.000 на 4.200, а во однос на парламентарните избори имаме раст од 1.300, но за жал недоволно за целосна победа“, порача премиерот.
Мицкоски им се заблагодари на жителите на Брвеница кои гласале за нивниот кандидат, но и на оние кои не му ја дале поддршката. Тој нагласи дека Владата ќе продолжи да им помага на сите жители на општината.
„Благодарам на сите жители на Брвеница што гласаа за нас и на тие што не гласаа, сите жители на Брвеница ќе ја имаат поддршката од Владата. Една Брвеница за сите е повеќе од концепт, тоа е начин на работа“, напиша Мицкоски.
