Три лица се уапсени, а уште 105 се осомничени дека се дел од криминална организација, која со специјализирани манипулации на електрични броила крадела струја во повеќе делови на Грција, при што нанела штета што надминува девет милиони евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката полиција информираа дека од рано утрово во тек е акција во Солун во соработка со Операторот на дистрибутивната мрежа за електрична енергија (ДЕДДИЕ) за разбивање на криминалната организација „чии членови вршеле специјализирани манипулации на електрични броила на ДЕДДИЕ (во деловни објекти и домови) во регионите Атика, Македонија, Тракија, Тесалија и Пелопонез, со цел кражба на електрична енергија“.
– Досега се уапсени тројца клучни членови на организацијата, додека вкупно 105 лица се осомничени како вршители на кражби на струја. Штетата нанесена на ДЕДДИЕ надминува девет милиони евра – информираа од полицијата.
