Од партијата велат дека за две години се постигнати конкретни резултати и стабилност
ВМРО-ДПМНЕ оцени дека во изминатите две години Владата предводена од партијата обезбедила стабилност, економски раст и реализација на значајни проекти, спротивно на, како што наведуваат, состојбата што ја наследиле од претходната власт.
„Додека СДС и ДУИ оставаа кризи, долгови и блокади, ВМРО-ДПМНЕ донесе стабилност, развој и конкретни резултати кои денес ги чувствуваат граѓаните.
За две години ВМРО-ДПМНЕ покажа што значи одговорно и посветено владеење базирано на резултати“, се наведува во партиското соопштение.
Оттаму посочуваат дека се реализира најсилниот инвестициски циклус во поновата историја на државата.
„Со историски рекордни 1,255 милијарди евра инвестиции и најсилниот инвестициски циклус во поновата историја, Македонија повторно се гради и се развива“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во фокусот се инфраструктурата и мерките за младите
Според партијата, Владата во моментов работи на изградба на шест нови автопатски делници, кои треба да бидат завршени до крајот на 2027 година, додека во следната деценија се предвидени 10 милијарди евра капитални инвестиции во патната и железничката инфраструктура.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека се спроведуваат и мерки насочени кон младите.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ инвестира во младите, затоа што тие се иднината на Македонија. Се обновуват студентски домови, се обезбедија ваучери за електронски уреди. Се отвораат можности за нови бизниси и создаваат услови младите својата иднина да ја гледаат и градат дома“, стои во соопштението.
Како дел од мерките, од партијата посочуваат дека биле доделени 55.000 ваучери за електронски уреди во вредност од 250 евра, поддршка од 10.000 евра за започнување сопствен бизнис преку Оперативниот план за 2025 година, средства за млади земјоделци, како и проширување на опфатот на субвенционираниот студентски оброк.
Резултатите се видливи, Македонија се движи напред
Во соопштението се наведува дека во изминатиот период биле зголемени платите и пензиите и дека економијата бележи континуиран раст.
„Во изминатиот период се зголемија платите и пензиите, ја зајакнувме економијата и седум квартали по ред бележиме економски раст над 3 проценти. Истовремено градиме нови градинки, училишта, здравствени установи, спортски сали и патишта, додека враќаме наследени долгови во просек од над 2 милијарди евра годишно“, наведуваат од партијата.
Оттаму додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ „докажа дека знае како да работи за државата и граѓаните“ и дека „националните интереси немаат цена“.
„Денес Македонија не стои во место. Македонија се движи напред. Македонија забрзува.
Македонија забрзува а тоа е и наша обврска да продолжиме уште посилно, уште поодлучно и уште поодговорно да работиме за повисок животен стандард, силна економија, нови можности и модерна европска Македонија.
Резултатите се видливи. Разликата е очигледна. Македонија забрзува“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
