Хамас нагласи дека разоружување не доаѓа пред формирање на целосно суверена палестинска држава со Ерусалим како главен град

Разоружување на Хамас нема да има додека не се воспостави независна и целосно суверена палестинска држава, порача организацијата.

Во соопштението на организацијата стои: „Вооружениот отпор не може да биде напуштен освен со целосно враќање на нашите национални права. Од кои прво е воспоставување на независна, целосно суверена палестинска држава со Ерусалим како главен град.“

Хамас истакна дека разоружување не е можно без политичко решение кое ќе ги гарантира нивните национални цели. Според нив, државноста и Ерусалим како главен град се предуслови за прекин на отпорот.

Индиректните преговори меѓу Хамас и Израел минатата недела беа во застој. Нассочени беа кон постигнување 60-дневен прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците

На конференција на Обединетите нации во вторникот, 17 земји, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Катар и Египет, повикаа на разоружување на Хамас и пренесување на контролата кон Палестинската управа.

  • „Њујоршката декларација“, документ што го подготвија Франција и Саудиска Арабија како копретседатели, беше поддржана од уште 15 држави. Потписнички беа и Бразил, Канада, Турција, Јордан, Катар, Египет и Велика Британија.

Декларацијата повикува на прекин на војната во Газа. И постигнување „праведно, мирно и трајно решение на израелско-палестинскиот конфликт врз основа на имплементација на решение со две држави“.

Земјите-учеснички нагласија дека „управувањето, спроведувањето на законот и безбедноста на целата палестинска територија мора да бидат исклучива одговорност на Палестинската управа, со соодветна поддршка“.

Овие ставови се усогласени со заложбите што палестинскиот претседател Махмуд Абас ги презеде во јуни, со цел пошироко признавање на палестинската држава од страна на меѓународната заедница.