– Нека е за многу години овој голем ден, историски за православието и за македонската државност. Одлучивме да решаваме проблеми и да создаваме иднина. Договорот од Преспа, членството во НАТО, Отворен Балкан и политиките на добрососедство се причината зошто од денес македонскиот народ нема проблем ниту со името на својата македонска земја, ниту со својата Македонска православна црква – Охридска архиепископија, ниту со својата безбедност и сигурност. Живееме и ќе живееме во слога со нашите балкански браќа и сестри, целосно ја заокружуваме нашата духовна и државна независност, напиша Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека сме сведоци на историја важна за нашиот народ.
– Нашата црква мора да е обединета, нашиот Синод, свештеството, исто како што мора да биде обединет и нашиот народ, и тогаш сите искушенија, бури и премрежја ќе бидат премостливи. Да продолжиме да чекориме обединето. Честитки за мудроста, обединетоста и достојноста на Синодот и неговото блаженство г.г. Стефан, за градењето на мостови, за бранењето на нашиот идентитет и вредности во кои веруваме, за премостените децениски и вековни јазови, објави Мицкоски.
Претседателот Стево Пендаровски упати честитики по повод донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на МПЦ-ОА.
– Упатувам честитки до поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан и до сите граѓани од православна вероисповед по повод едногласно донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на МПЦ-ОА. Ова е радосна вест за сите граѓани на земјава од православна вероисповед, која следи по одлуката на Вселенската Патријаршија за прием на нашата Црква во канонско единство и во евхаристиско општење, се наведува во пораката на претседателот Пендаровски.
Одлуката на СПЦ, наведува натаму Пендаровски, ќе придонесе за исправање на историските неправди и отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија.
– Верувам дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска Архепископија ќе заврши со скоро потпишување на Томосот од Вселенскиот Патријарх г.г.Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на еден од нашите национални интереси и за напредок и помирување во македонското општество, наведува во пораката претседателот Пендаровски.
Премиерот Димитар Ковачевски од Рим испрати честитка по повод прифаќањето на афтокефалноста на МПЦ-ОА, од страна на Српската православна црква.
– Голем е денешниот ден, историски кога ги чествуваме светите браќа Кирил и Методиј да ја добиеме и автокефалноста на нашата држава, како рмноправна со другите и како признание за нејзиното наследство и духвната величина на древната Охридска Архиепископија и како автентичен дел на македонскиот идентитет, изјави премиерот.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ истакна дека на денот кога ги славиме Светите браќа Кирил и Методиј рамноапостолни, се потврди вековната вистина на нашиот македонски народ.
-После 55 години, сплотеноста е повторно онаа која ни дава мир и сила за да продолжиме напред. Со денешната радосна вест се прекршува долгогодишната изолација со која се соочуваше Република Северна Македонија. Со денешното радосно решение, МПЦ – Охридска архиепископија станува неискоренлив дел во евхаристиското служење, општење и причестување со својата јерархија, клирот и народот, во големото трло на Православието. Со денешната вистина, се потврди автокефалноста на МПЦ – ОА, напиша Маричиќ на Фејсбук.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи честиташе до МПЦ и до сите верници по повод одлуката на СПЦ за прифаќање на афтокефалноста на МПЦ-ОА, истакнувајќи дека долго време се чекало на оваа правична одлука.
– Убава вест за Македонците, за сите православни верници, и за сите граѓани на Северна Македонија Саборот на СПЦ донесе правилна одлука со која ја прифаќа автокефалноста на МПЦ-ОА, наведува Османи на својата Фејсбук страница.
Поранешниот премиер Зоран Заев напиша на Фејсбук дека со благословот и Tомосот за афтокефалност на МПЦ-ОА што СПЦ го упати до Вселенската патријаршија веќе не постои ниту една пречка и очекуваме патријархот Вартоломеј да ја прогласи МПЦ-ОА и официјално за афтокефална.