Македонските аеродроми во Скопје и Охрид во првата половина од 2026 година опслужиле вкупно 1.975.911 патници, што претставува раст од 5 проценти во споредба со истиот период лани, соопшти ТАВ Македонија.
Во периодот од јануари до јуни реализирани се 15.251 лет, што е зголемување од 4 проценти во однос на првите шест месеци од минатата година.
Најголем дел од патничкиот сообраќај е остварен преку Меѓународниот аеродром Скопје, кој опслужил 1.833.974 патници на 13.793 летови. Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид регистрирал 141.937 патници и 1.458 летови.
Во јуни двата аеродроми заедно опслужиле 446.622 патници, што претставува раст од 11 проценти во однос на истиот месец минатата година. Во истиот период биле реализирани 3.184 летови, односно 9 проценти повеќе од лани.
Од ТАВ Македонија наведуваат дека бројот на патници продолжува да расте, поттикнат од зголемената побарувачка за патувања и проширувањето на мрежата на авиолинии.
