Гувернерот на островската провинција Бохол во централниот дел на Филипините, Артур Јап, денеска преку Фејсбук објави дека најмалку 49 лица загинале во разорниот тајфун Раи во само половина од градовите кои успеале да стапат во контакт со него.
Гувернерот рече дека уште 10 лица се водат како исчезнати, а 13 се повредени, и посочи дека бројот на жртвите може да биде значително поголем бидејќи многу градоначалници не можеле да контактираат со него поради нарушена комуникација.
Најмалку уште 39 беа пријавени од Агенцијата за одговор при катастрофи и националната полиција. Официјални лица на островот Динагат, на југоисток каде што првпат го погоди тајфунот, известија за 10 мртви од само неколку градови, со што вкупниот број на загинати се искачи на 98.
Во соопштението објавено рано утринава на Фејсбук, гувернерот на Бохол им нареди на градоначалниците на провинциите да издвојат средства за итно обезбедување пакети со храна и вода за пиење, што е неопходно бидејќи станиците за вода не можат да работат поради прекини на струја.