Министерот за правда, Јетон Шасивари, оствари билатерална средба со министерот за правда на Ирска, Џим О’Калахан, во рамките на Министерскиот форум ЕУ–Западен Балкан за правда и внатрешни работи, кој се одржува во Будва, Црна Гора. Во фокусот на средбата беа продлабочувањето на соработката меѓу двете земји и поддршката на Ирска за процесот на европска интеграција.

Министерот Шасивари изрази искрена благодарност за континуираната поддршка на Ирска за нашата земја, како и за нејзиниот ангажман за време на претседавањето со Советот на ЕУ, нагласувајќи ја важноста од продолжување и зајакнување на ова партнерство.

На средбата, министерот го информираше ирскиот колега за реформската агенда на државата, со посебен акцент на подготовката на новиот Кривичен законик, новиот Закон за кривичната постапка, Законот за Јавното обвинителство, Законот за судскиот буџет и Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.

Една од клучните теми на билатералниот разговор беше дигитализацијата на правосудството. Министерот Шасивари побара конкретна поддршка, експертиза и искуство од Ирска во подготовката и спроведувањето на Стратегијата за информатичко-комуникациска технологија во правосудството, со цел сеопфатна модернизација на услугите и зголемување на институционалната ефикасност.

Во разговорите меѓу двата министри беше истакната и важноста на Извештајот на Европската комисија за 2026 година, чии детални препораки претставуваат значајна насока во спроведувањето на клучните реформски приоритети.

„Реформите во правосудството бараат одлучност, одговорност и стабилни европски партнерства, со цел изградба на поефикасен и модерен правосуден систем“, нагласи Шасивари.