Модерна инфраструктура за културни активности и безбедно движење
Гевгелија добива целосно обновена Стара чаршија, каде новите фасади на дуќаните и гранитните тротоари го подобруваат просторот за граѓаните и туристите. Проектот е дел од конзервација, реставрација и реконструкција што го спроведува Министерството за култура и туризам, со поддршка од Општина Гевгелија.
– Изведбените работи се одвиваат интензивно. На улиците Бранд Петрушев и 7 Ноември поставивме целосно нова подземна инфраструктура, што претставуваше сложен и долг процес од техничка природа. Во тек се партерното уредување и фасадирањето на дуќаните, по што следи хортикултурно уредување и поставување на ново осветлување, вели градоначалникот Андон Сарамандов.
Тој додава:
„Наскоро овој споменик на културата, целосно обновен и реставриран, ќе биде достапен за граѓаните и за бројните туристи кои престојуваат во нашиот град.“
Целосната реконструкција на Старата чаршија, заштитено културно наследство од XIX век, изнесува над 40 милиони денари. Проектот има за цел не само да ја зачува традицијата, туку и да овозможи простор за културни настани и уметнички проекти, поттикнувајќи нови културни трендови во Гевгелија.
Со обновената фасада и пешачката зона, Старата чаршија станува пофункционална, побезбедна и попривлечна за локалното население и туристите, при што се негува историската вредност на споменикот на културата.
