Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши увид на почетокот на градежните активности за целосна реконструкција на крак 38 на улицата „Македонско-косовска бригада“ во Шуто Оризари. На терен започнаа подготвителните работи со градежна механизација.

„Кога ја барав поддршка од граѓаните, тука ме пречекаа како што умеат вистински домаќини – со кафе, чај и со отворена врата. Ми кажаа дека ретко кој дотогаш дошол во ова маало да ги праша што им е најпотребно. А доволно беше да излеземе пред портите за да видиме зошто оваа улица беше првото и најважно барање. Со децении чекале некој да ја реконструира. Тој ден дадов збор. Денес, механизацијата е на терен и работата започна. Целосно го реконструираме крак 38. По целата должина на улицата ќе поставиме нов асфалт, за семејствата од ова маало конечно да добијат уредена улица каква што одамна заслужуваат“, изјави Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски истакна дека негова обврска како градоначалник е да обезбедува услови достојни за секој жител на Скопје, со темелна работа во секоја општина, со цел рамномерно да се развива целиот град.