„Christie’s“ со нов светски рекорд на аукција
Во Женева е постигната рекордна продажба на редок сино-зелен дијамант, кој достигна цена од 14,8 милиони евра на аукција организирана од „Christie’s“. Станува збор за 5,50-каратен камен од централна Африка, за кој аукциската куќа потврди дека поставил нов рекорд во својата категорија.
Дијамантот „Ocean Dream“ е продаден за речиси 13,6 милиони швајцарски франци, вклучувајќи ја и провизијата, „поставувајќи нов светски рекорд на аукција за сино-зелен дијамант“, изјавија од „Christie’s“ за новинарите.
Пред наддавањето беше проценет на меѓу 7 и 10 милиони швајцарски франци (7,6 милиони и 10,9 милиони евра).
„Едноставно е извонреден. Го продадовме овој камен во 2014 година за 8,5 милиони долари. Го купи приватен азиски колекционер кој го ценеше многу и го носеше“, изјави за AFP Макс Фосет, меѓународен раководител на одделот за накит во „Christie’s“.
„И штотуку го продадовме за 17 милиони долари благодарение на активното учество на три различни клиентa од многу различни делови од светот“, кои ги кревале влоговите, додаде тој.
Овој исклучителен дијамант – најголемиот сино-зелен дијамант Fancy Vivid некогаш регистриран од Гемолошкиот институт на Америка (GIA) – бил брусен во триаголна форма.
„Ископан е на почетокот на 2000-те во централна Африка“, објасни Фосет.
Според Фосет, дијамантот е со големина на мал нокт.
„Откако беше брусен, беше изложен во 2003 година на изложбата ‘Сјајот на дијамантите’ во институцијата Смитсонијан (во Вашингтон), на која беа претставени осум од најретките обоени дијаманти во светот“, вклучувајќи го и овој сино-зелен дијамант, додаде тој.
Купувачот не сакал да го открие својот идентитет.
