Висока побарувачка за станови покрај езерото и во центарот на градот
СДК анализира дека цените на становите и станбените објекти во изградба во централниот дел на Охрид и крајбрежната зона достигнаа рекордни 4.000 евра за метар квадратен. Во најатрактивните локации во централното градско подрачје, моментално квадратен метар станбен простор може да се купи по цена од 1.500 до 3.000 евра. Во стари станови на неатрактивни места кои треба да се реновираат квадратот изнесува од 1000 евра па нагоре.
„Цените на недвижностите во Охрид се во постојан пораст поради огромната побарувачка, особено за станови покрај езерото и во центарот на градот“, изјави Наташа Спасеска за СДК.
Во другите делови на градот, како Охридати, Билјанини Извори, Бејбунар, кај меѓуградската автобуска станица и урбаните заедници Лескајца, Воска и 7 Ноември, цените се пониски и се движат од 1.200 до 1.500 евра за метар квадратен.
Побарувачката значително ја надминува понудата
Анализите на агенциите за недвижности покажуваат дека побарувачката за станови во Охрид далеку ја надминува понудата, што директно влијае на растот на цените.
„Од 2020 година до денес цените на становите во Охрид двојно се зголемија, но побарувачката не опаѓа. Природните убавини на градот, заштитени од УНЕСКО, дополнително ја зголемуваат атрактивноста на Охрид како место за живеење и инвестиција во недвижности“, посочи Спасеска.
Во постарите станбени објекти, цените варираат зависно од состојбата на недвижноста и нејзината локација. Најевтино во постар објект цената може да почнува од 1.000 евра по квадратен метар.
Луксузни станбени комплекси на премиум локации
Следејќи ги глобалните трендови во градежништвото и архитектурата, во Охрид веќе се градат елитни, луксузни станбени комплекси и ресорти на премиум локации во близина на Охридското Езеро.
„Новите ексклузивни објекти привлекуваат купувачи од Скопје, останатите делови на Македонија, македонската дијаспора, но и странски државјани“, изјави Спасеска.
Странците сè повеќе инвестираат во недвижности во Охрид
Охридската ривиера станува сè поатрактивна за странските купувачи. Освен што се купува како дестинација за одмор, некои купуваат и за живеење во пензионерските години.
„Продолжува трендот на купување станови и куќи од странски државјани. Најголем интерес покажуваат Холанѓаните, Германците и граѓаните од скандинавските земји, но има и купувачи од други делови на светот“, вели Спасеска.
Според податоците на агенцијата „Капитал“, во текот на 2024 година, 30% од купувачите на станови биле странски државјани, уште 30% биле жители на Охрид, 20% купувачи биле од Скопје и другите македонски градови, додека 20% од македонската дијаспора.
Во стариот дел на Охрид, странците се најзаинтересирани за купување куќи и апартмани. Таму цените се движат од 2.000 до 3.000 евра за квадратен метар. Цената зависи од атрактивноста на локацијата, погледот, пристапот и состојбата на недвижноста.
Раст на цените на недвижностите во цела Македонија
Недвижностите растат низ цела Македонија. Владата се огласи дека со овој проблем ќе се справува преку изгрдба на социјални станови.