Владата на Република Македонија во соработка со Делегацијата на Германското стопанство во државава информира за рекордно зголемување на трговската размена меѓу двете земји.
Согласно официјалните статистички податоци на Сојузното министерство за економија и климатска заштита на Германија, како што соопшти денеска владината прес-служба, трговска размена помеѓу Германија и Македонија во 2021 година повторно значително се зголемила и го достигнала своето рекордното ниво.
Во 2021 година помеѓу двете земји е остварена трговска размена во вредност од 4,7 милијарди евра, што означува зголемување за 23,6 отсто во споредба со минатата година. Извозот од Македонија кон Германија во 2021 година се зголемил за 24,8 отсто во споредба со 2020 година, додека увозот од Германија во Македонија се искачил од 1 милијарда евра на 1,2 милијарди евра, што претставува раст од 20,6 проценти.
Од Владата истакнуваат дека економската соработка со Сојузна Република Германија е на исклучително високо ниво и традиционално оваа земја е прв трговски партнер на државава, со голем број директни инвестиции на компании од Германија во нашата земја.
Владата и во иднина ќе продолжи да создава амбиент за економски развој и напредок со цел двете земји да продолжат да ги унапредуваат деловните релации. Потенцијал за унапредување на односите и дополнително проширување на соработката има и во вложувања во енергетиката со фокус на обновливи извори, индустријата, заштитата на животната средина, стои во информацијата од владината прес-служба.