Техничката министерка во Првата Пржинска Влада, Фросина Ременски смета дека измените на Законот за Влада ќе се донесат без про и контра ставови во собраниска процедура.
Вели, 100 дена технички министер не треба да значи форум за предизборна пропагнда, кој потоа ќе донесе разочарување за членството и граѓаните. СДСМ изгуби голема поддршка добиена од гласачите во 2016 токму од “кумувањето“ на неефикасен ресор за внатрешни кој се покажал како најефикасен за Груевски и Мијалков.
Лидер: ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата понесоа законски измени за бришење на т.н. „пржинска влада”. Како дел од првата Пржинска Влада, што мислите за овие измени ? Дали овој модел треба да се укине (затоа што реши една моментална политичка состојба) или да остане во постоечката легислатива?
-Овој предлог за измени на законот не е неконсензуален и без договор и дебата, напротив. Власта и опозицијата пред и по изборите во 2020 година гласно говореа и се согласија да се укинат законските одредби за техничка влада, а претседателот Пендаровски тоа го услови со консензус помеѓу партиите. Законските измени ќе се донесат, а сите дебати за и околу избори (предвремени или редовни) ќе ја покријат потребната дебата за тоа што се покажа како неефикасно во техничките влади претходно.
Убедена сум дека и во собраниската процедура нема да има дебата про и контра.
Ако се анализира подобро ќе се види дека, „кумувањето“ на неефикасен ресор за внатрешни работи беше договорен во Првата Пржинска влада, што до денес се покажа „најефикасно“ за Груевски и за Мијалков, а на штета на деинсталирање на механизмите на заробената држава.
Од денешен аспект тоа на СДСМ му одзема голема поддршка од гласачите добиена во 2016 година. Подобро е политичките партии да не го залажуваат сопственото членство и граѓаните со учество во влада кое помалку е во интерес на граѓаните, а повеќе е форум за предизборна пропаганда – се но, не тоа што навистина требаше/треба да биде, вели Ременски за Лидер.