„Енергетската криза кај нас удри доста силно затоа што не инвестиравме навремено во обновливи извори, енергетска ефикасност и циркуларна економија на домаќинствата и индустриите. Сепак, енергетската криза отвора и можности преку пристапи до грантови и евтини кредити наменети за енергетска трансформација и префрлање од фосилни горива во енергетски ефикасни системи базирани на обновливи извори на енергија. За разлика од овие решенија, нашите власти пристапија кон ад-хок решенија. ТЕЦ Неготино кое користи мазут не работеше 12 години, а сега работи скоро цела година. Сето тоа е направено затоа што приоритет е да се обезбеди енергија за граѓаните без притоа да се води сметка за цената што ја плаќаме сите ние. Тоа е штета врз животната средина, населението, како и здравствениот систем. Само РЕК Битола и РЕК Осломеј прават штета на јавното здравје во фондот за здравство од 20 милиони евра годишно”, истакна Давор Пехчевски, програмски координатор на Еко-свест обраќајќи се на осмата конференција за циркуларна економија која се одржа на Економскиот факултет во Скопје, давајќи осврт на енергетската криза како можност да научиме од минатите грешки и искористување на истата за одржлив развој на енергетскиот сектор во нашата држава.

Предлог на Еко-свест и Пехчевски како решение за излез од енергетската криза и заштита на животната средина кое што беше споделено и пред студентите учесници на оваа конференција е паметно енергетско планирање, односно искористување на деградираното земјиште низ државата за производство на електрична енергија со што се причинува минимална штета врз животната средина.

„На овој проект работевме во соработка со МАНУ и од спроведените анализи и теренски посети одбравме 5 приоритетни локации каде што потенцијалот за инсталиран капацитет може да замени голем дел од електраните на фосилни горива. Овие, но и дополнителни локации може да се искористат за различни капацитети и технологии. Во оваа фаза на енергетската транзиција важно е да се посвети внимание и на праведната транзиција, односно отворање можности за нови работни места за вработените од капацитетите коишто работат на фосилни горива. Повеќе од 10 000 луѓе се директно или индиректно зависни и работата на ТЕЦ Неготино, РЕК Битола и РЕК Осломеј. При исфрлање на фосилните горива од употреба, ова се работни места коишто треба да се заменат со нови. Со правилно планирање и спроведување на енергетската трансформација, овие места не само што може да се заменат, туку и бројот на новоотворените места и да се зголеми со вклучување на принципите на циркуларна економија во енергетскиот сектор”, вели Пехчевски.

Економскиот факултет во Скопје по иницијатива на професори и студенти од овој факултет, ја организира традиционално оваа годишна конференција, почнувајќи од 2015 година, за што професорот Кекеновски вели дека се случила во период кога на мерното место Ректорат биле измерени 949 микрограми на метар кубен ПМ10 честички и ги поттикнало и заедно со студентите да разговараат на оваа проблематика и активно да делуваат.

„Иницијативата за организирање на ваков тип на конференција од професори и студенти се случи на едно од предавањата кога со студентите разговаравме на оваа тема и дојдовме до заклучоци за која е еколошката димензија на производството и почнавме да притискаме да се објавуваат податоците каде и колку се мери загаденоста на воздухот. 2015 година концентрациите на ПМ10 честички во воздухот изнесуваа 949 микрограми на метар кубен токму овде на Ректорат каде што македонската младост престојува. Во 2015 година го воведов овој концепт на циркуларна економија, кој не е само индустриски концепт, туку и еколошки, деловен па дури и ментален концепт во кој секоја личност поединечно внимава на своите екстерналии, од она што значи екологија, политичка демократија или загрозување на бизнисите”, вели професорот Љубомир Кекеновски, еден од иницијаторите и организатор на оваа осма конференција на Економскиот факултет, а со поддршка и од бизнис секторот во Македонија.