Резолуцијата усвоена од Федералната унија на европските националности (ФУЕН), а поднесена од Македонското друштво “Илинден“-Тирана, е доставена до сите албански и меѓународни институции, а за запознавање и до македонските институции.

Ова за Македонски весник “Илинден“ го потврди Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото, додавајќи дека очекува албанските институции да преземат соодветни активности, а посебно внимание да посветат и меѓународните институции.

Со Резолуцијата, во име на Македонското друштво “Илинден“ и македонското национално малцинство во Република Албанија, меѓу другото, се бара од Владата на Република Албанија да ја потпише и ратификува Европската повелба за регионални или малцински јазици, да преземе ефективни мерки за заштита на македонскиот идентитет од негирање и асимилација, Општина Пустец да остане посебна единица на локалната самоуправа и во рамките на новата административно-територијална реформа, како и Општина Пустец да се преименува во Општина Преспа, рече Ѓурѓај.

Резолуцијата едногласно беше усвоена на 70. Конгрес на ФУЕН, кој се одржа во Хелсинки, Финска, а на кој учествуваа претставници на 100 организации-членки од 38 европски земји.

Извор: vesnik-ilinden