Ова денеска во Охрид го изјави помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер на панелот „Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западниот Балкан“ во рамки на првата Меѓународна конференција на Преспа форумот за дијалог.

-Одлуката на ЕУ да започнат преговори со Северна Македонија и Албанија беше инспиративна, меѓутоа сега Унијата нема кредибилитет доколку не се преземат конкретни активности за почеток на преговорите. Се надеваме дека Европската Унија ќе ги одржи првите меѓувладини конференции со двете земји и ќе се случи ова. Ги слушнавме заложбите на словенечкото претседавање со ЕУ. Веруваме дека не е соодветно и дека е штетно за кредбилитетот на ЕУ за нашите заеднички вредности да се сузбие процесот на проширување, подвлече Рикер.

Рикер потсети и оти истакнати лидери на ЕУ кажале дека Унијата мора да ги исполни своите ветувања, особено, рече тој, како што истакна германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.

-Повеќе од две децении визијата за соработка на САД со ЕУ за Западниот Балкан мотивираше форми коишто помагаа да се усвојат за заедничките вредности и во трансатлантската заедница. Затоа ме инспирираа забелешките на претседателот Пахор – ЕУ и сите земји-членки мора да работат за одново да го воспостават тој кредибилитет во Западниот Балкан, и тоа е пораката што ја испрати секретарот Блинкен на неговите состаноци во Берлин, Париз и Рим, истакна Рикер.

Тој порача дека треба јасно да им се каже на лидерите и на луѓето во регионот, дека реформите што се спроведуваат водат кон европска интеграција.

-Неодлучноста и неконзистентноста за ова прашање ги заслабува напорите и на САД и на останатите во регионот, и им одговара на оние коишто сакааат да создадат несогласувања во трансатлантската заедница, подвлече Рикер.

Тој додаде дека е важно државите членки на ЕУ да ги исполнат своите ветувања и изрази надеж дека тоа ќе го сторат во следниот период.

-ЕУ треба да покаже конзистетност и кредибилитет. Тоа може да го стори со доделување безвизен режим за Косово. Косово ги исполни сите предуслови за безвизно патување во Шенген зоната. Ако му се ускрати на Косово безвизен режим, и ако му се ускрати на Косово европската перспектива, тогаш мотивацијата да се водат разговорите Приштина-Белград ќе биде ослабена. А ако не се постигне договор меѓу Белград и Приштиона, тогаш целиот регион не ќе може да оди напред, порача во овој контекст помошникот државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Рикер.