Светската музичка ѕвезда Рита Ора ќе пристигне во Охрид еден ден пред концертот за да има време да го запознае градот, кој досега никогаш не го посетила. Во Македонија ќе допатува заедно со својот сопруг, познатиот режисер Таика Ваитити, а дел од престојот ќе го искористат за прошетка низ старото градско јадро, покрај охридското крајбрежје и најпознатите знаменитости.
Иако потекнува од семејство со корени од регионот, ова ќе биде нејзина прва посета на Охрид. Токму затоа сакала да одвои дополнително време за да ја почувствува атмосферата на градот, кој со години важи за една од најпосакуваните летни дестинации на Балканот.
По прошетката и приватното време во Охрид, Рита Ора ќе се посвети на подготовките за концертот што ќе се одржи на 1 август на стадионот „Билјанини извори“. Организаторите најавуваат продукција на светско ниво, голем број хитови и настап за кој веќе има голем интерес.
Заедно со Рита Ора, на сцената ќе настапат и Senidah и 2Bona, во една од најголемите музички вечери ова лето во Македонија. Продажбата на билетите е во завршна фаза, поради што организаторите ги повикуваат сите што сè уште немаат обезбедено билет тоа да го направат навреме.
