Предлогот на германско-францускиот план за нормализација на односите меѓу Косово и Србија не предвидува  „Република Српска на Косово“, изјави германскиот амбасадор на Косово, Јорн Роде.

„Постои претходна обврска на Косово да формира заедница на српски општини [ЗСО]. Но, ние отворено и многу јасно кажавме дека не сакаме „Република Српска“ на Косово. Она што сега би сакал е Косово да ја исполни обврската што ја прифати и да го предложи статутот на ЗСО“, рече тој во интервју за Радио Косово.

Според зборовите на германскиот дипломат, Косово мора да се покаже подготвено да разговара за ЗСО, пренесува Танјуг.

Како што вели, Германија е генерално задоволна од позитивните резултати од дијалогот меѓу Србија и Косово и очекува одлучувачки напредок.

Целта е фактичко признавање на Косово од Србија.

На прашањето дали европскиот план ќе ги реши проблемите меѓу Србија и Косово, Роде рече дека тие јасно ставиле до знаење дека ова е само среден чекор на патот кон целосна и сеопфатна нормализација.

„Суштината на овој план е возот да се стави на редовни пруги, а доколку се спроведе договорот, тогаш сме се приближиле до целта, бидејќи тоа е де факто признавање на Косово од Србија“, тврди Род.

Германскиот дипломат вели дека има временска рамка за имплементација на овој договор.

„Премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ ќе се сретнат на 18 март во Охрид и се надеваме дека во следните десет дена ќе има одлучувачки напредок, со цел да се разјасни механизмот за спроведување на договорот. . Затоа бараме локалните политички лидери да бидат одговорни за оваа ситуација и да постигнат компромис за доброто на нивните земји и нивното население“, рече германскиот амбасадор.