Рок од две недели за Русија или поинаков пристап
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека во рок од две недели ќе биде јасно дали ќе се постигне мир во Украина, додавајќи дека во спротивно ќе „заземе поинаков пристап“. Изјавата доаѓа по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски и неколку дена откако Трамп се сретна со рускиот лидер Владимир Путин, без видлив напредок во преговорите, пренесува The Kyiv Independent.
„Во рок од две недели ќе знаеме дали ќе има мир во Украина. После тоа, можеби ќе мора да заземе поинаков пристап,“ рече Трамп.
Американскиот претседател повторно постави временски рок, иако досегашните најави за брзо решавање на војната поминаа без конкретни резултати.
На својата социјална мрежа Truth Social, Трамп напиша дека Украина не може да ја добие војната без да нападне на територијата на Русија, обвинувајќи го неговиот претходник Џо Бајден дека му дозволил на Киев само да се брани. „Интересни времиња се пред нас!“ заврши Трамп во објавата.
Овие коментари се разликуваат од неговите изјави во декември 2024 година за Time, кога предупреди дека дозволување на Украина да користи американско оружје за удари во Русија би била „голема грешка“ со ризик од ескалација.
Да се потсети, администрацијата на Бајден во 2024 година одобри користење на американски ракети ATACMS со долг дострел за украински напади во Русија.
Зеленски, пак, порача дека Украина е подготвена за билатерални преговори, но доколку Русија одбие, очекува „силен одговор од САД“. Тој додаде дека побарал од Трамп нови санкции против Москва во случај Кремљ да не прифати нова рунда мировни разговори.