Вршителот на должноста главен обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Маме Мандиаје Нианг, ги отфрли нападите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врз институцијата. Тој оцени дека критиките произлегуваат од неразбирање на работата и улогата на судот.

Во своето прво интервју по преземањето на функцијата, дадено ексклузивно за АФП, Нианг откри дека МКС веќе подготвува технички алтернативи за да може да продолжи со работа доколку Соединетите Американски Држави воведат нови санкции против институцијата.

Вашингтон претходно воведе санкции против повеќе функционери на судот поради налозите за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант.

Нианг во моментов се подготвува да го води најголемиот предмет во историјата на судот – судењето на поранешниот филипински претседател Родриго Дутерте за наводни злосторства поврзани со неговата кампања против дрогата.

Според него, фактот што и поранешни моќни државници можат да одговараат за наводни злосторства испраќа силна порака дека никој не треба да биде над правдата.

„На овој или оној начин, сите се одговорни. Се согласуваме дека никој не треба да ја избегне правдата. Тоа е она што го претставуваме ние овде“, рече Нианг.

Шеесет и петгодишниот обвинител изрази надеж дека еден ден пред судот би можеле да се најдат и Нетанјаху и рускиот претседател Владимир Путин, за кои МКС има издадено налози за апсење.

„Ништо не е невозможно. Живееме во свет во кој работите што еден ден изгледаат невозможни, веќе следниот ден можат да станат целосно очигледни“, изјави Нианг.

Тој остро ги отфрли и обвинувањата на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој претходно вети дека МКС ќе биде „расклопен тула по тула“ и го опиша судот како закана за американскиот суверенитет.

„Кога ги слушате сите тие изјави на Рубио, гледате елементи кои очигледно произлегуваат од неразбирање. Немаме интерес, ниту нашата улога е да го нарушуваме државниот суверенитет. Знаеме дека не сме светска полиција“, рече Нианг.

Соединетите Американски Држави не се членка на МКС и никогаш не го ратификувале Римскиот статут, со кој е основан судот. Членки на институцијата не се ниту Израел, Русија и Кина.

Нианг предупреди дека најголема загриженост предизвикува можноста САД да воведат дополнителни санкции, кои не би биле насочени само кон поединци, туку и кон самиот суд. Таквите мерки, според него, би можеле да влијаат врз способноста на институцијата да ја извршува својата работа.

Тој откри дека поради американските санкции му е отежнато користењето на платните системи, како и извршувањето секојдневни обврски, меѓу кои резервирањето авионски билети и хотелско сместување.

Според Нианг, судот веќе разгледува алтернативни решенија што треба да му овозможат да ја зачува својата независност и да продолжи со работа дури и ако бидат воведени нови санкции.

Нианг ја презеде функцијата во период на сериозна криза за Меѓународниот кривичен суд. Неговиот претходник Карим Кан беше отстранет од функцијата по обвиненијата за сексуално злоставување, кои тој ги негира.

„Тоа тешко време сега е зад нас. Мора да се вратиме на работата“, рече Нианг, нагласувајќи дека институцијата извлекла поуки од кризата.

И покрај американските санкции, повлекувањето на одредени држави и скандалот поврзан со неговиот претходник, Нианг изрази уверување дека МКС може да закрепне.

„Животот на една институција е како човечкиот живот. Ретко кога сè оди мазно. Има пресврти, тешкотии, понекогаш и помали бури… Тешко е, но отсекогаш сум верувал дека можеме да се опоравиме“, рече тој.