Иранската државна агенција ИРНА објави дека Министерството за правда на САД блокирало веб-домени на неколку портали. Еден од нив, порталот на сателитскиот канал Ал Масирах, зад кој стојат јеменските бунтовници Хути поврзани со Иран, призна за блокиран домејн од американското Федерално биро за истраги (ФБИ).
Хутите наведоа дека страницата е затворена без предупредување и додадоа дека ќе ја продолжат мисијата „со сите средства да се спротивставуваат“.
Во пораката се наведува дека страниците се блокирани „како дел од акцијата на безбедносните сили“ од три агенции на американската влада, од кои едната е ФБИ.
Американските власти досега не соопштувале за блокирање на домени на веб-страници, што се случи во време на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Техеран околу меѓународниот нуклеарен договор меѓу Иран и големите сили од 2015 година.
Американските власти соопштија дека заплениле 36 домени на веб-страници за вести поврзани со иранската влада кои ширеле дезинформации како дел од пропагандна кампања.
Според американското Министерство за правда била преземена акција против 33 веб-страници што ги користи иранската Радио и Телевизиска унија и други три управувани од милицијата Катаиб Хезболах, поддржана од Иран.
Акцијата се одвива во време на зголемени тензии меѓу двете земји, а новоизбраниот ирански претседател Ебрахим Раиси во понеделникот исклучи преговори или средба со претседателот Бајден, додека двете нации разговараат за враќање на Техеран на нуклеарниот договор во 2015 година.
Министерството соопшти дека домените се во сопственост на американски компании, но страниците не добиле лиценци од американската влада, „со кршење на санкциите на САД“.