Со нетрпение укинувањето на рестрикциите го очекуваат и американските градови долж границата со Мексико, од Тексас до Калифорнија.
По 20 месеци рестрикции, САД се подготвуваат утре да ги отворат своите копнени и воздушни граници за странските патници кои се вакцинирани против ковид-19.
Рестрикциите на почетокот на 2020 година почна да ги воведува Доналд Трамп, а потоа ги потврди и неговиот наследник Џо Бајден, но во дел од јавноста тие наидоа на остри критики.
За да се заштитат од ковид-19, американските власти етапно воведуваа рестрикции за патници од земји кои беа најризични. Во февруари лани, Трамп воведе ограничувања за патниците од Кина, во март на ред дојдоа и европските земји од шенген-зоната, а подоцна и Велика Британија и Ирска. Копнените граници, пак, со Мексико и Канада беа затворени во најголемиот дел од почетокот на пандемијата.
Изминатото лето можеше да се патува од САД во Европа, но странците кои живеат во САД и оние кои престојуваат таму со визи, немаа гаранции дека ќе се вратат назад.
Во пресрет на најавеното укинување, авиокомпаниите, како што пренесуваат медиумите, го зголемуваат бројот на трансатлантски летови и планираат да користат поголеми авиони. Со нетрпение укинувањето на рестрикциите го очекуваат и американските градови долж границата со Мексико, од Тексас до Калифорнија, бидејќи нивните економии значително беа погодени од рестрикциите.
Како што беше најавено и претходно, од сите странски државјани на возраст над 18 години кои ќе патуваат во САД ќе се бара да докажат дека се целосно вакцинирани, а ќе бидат признаени вакцините кои се одобрени од Светската здравствена организација (СЗО), а не само оние кои се одобрени од американските здравствени власти.