Во фокусот се Ормутскиот теснец и иранската нуклеарна програма

Американски и ирански преговарачи усогласиле 60-дневен меморандум за разбирање со кој би се продолжило актуелното примирје и би се отвориле нови разговори за иранската нуклеарна програма, објави Аксиос, повикувајќи се на американски официјални лица.

Сепак, договорот засега не е финализиран, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп побарал дополнително време за разгледување пред да даде конечна согласност.

Според информациите, меморандумот предвидува целосно непречена пловидба низ Ормутскиот теснец, без наплата на такси и без ограничувања за бродовите. Иран во рок од 30 дена би требало да ги отстрани сите мини од морскиот премин, додека американската поморска блокада постепено би се укинувала паралелно со обновувањето на комерцијалниот сообраќај.

Иран би се обврзал да не развива нуклеарно оружје

Договорот содржи и обврска Техеран да не развива нуклеарно оружје. Во текот на 60-дневниот период би се воделе разговори за иднината на иранската програма за збогатување ураниум и за решавање на прашањето со високо збогатениот ураниум.

Во рамки на меморандумот, САД би разговарале и за можно ублажување на санкциите, како и за ослободување на дел од замрзнатите ирански средства.

Предвиден е и механизам за испорака на стоки и хуманитарна помош за Иран.

Трамп побарал дополнително време за одлука

Американски официјални лица наведуваат дека најголемиот дел од условите биле договорени уште во вторникот, но било потребно одобрување од највисокото политичко раководство на двете земји.

Според истите извори, иранските претставници информирале дека ги обезбедиле потребните согласности и дека се подготвени за потпишување, иако Техеран засега официјално не го потврдил тоа.

Американските преговарачи го информирале Трамп за содржината на договорот, по што тој побарал уште неколку дена за да донесе конечна одлука.

„Претседателот им порача на посредниците дека сака неколку дена за да размисли“, изјавил американски функционер.