Во САД почна производството на американските борбени авиони „Ф-16“, нарачани од Бугарија, соопштија американските воено-воздухопловни сили, јави Бугарското национално радио.

Освен за Бугарија, во производствената линија во САД ќе се составуваат борбени авиони и за Бахреин, Словачка и Тајван.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, повикувајќи се на соопштението на американското воено воздухопловство, првите „Ф-16“ ќе ја напуштат производствената линија во 2022 година. Бугарија очекува првите шест авиони да бидат испорачани во 2023 година. Други два „Ф -16“ години ќе останат во САД за обуката на бугарските пилоти и на техничкиот персонал, што е во тек.

Како што потсетува дописникот на МИА од Софија, Бугарија во 2019 година исплати во готовина на американскиот производител „Локид Мартин“ 1,1 милијарда евра за осум авиони „Ф-16 Блок 70“. Бугарија веќе почна со подготовка на инфраструктурата на аеродромот „Граф Игнатиево“.

Владата на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов ги почна разговорите за испораката на осумте нови авиони „Ф-16 блок 70“ , а пред неколку месеци се дозна дека Бугарија инсистира новите американски авиони да ги плаќа на рати.