Во синоќешното соопштение од портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, се вели дека САД се посветени на евроатлатската интеграција на Западен Балкан.
– САД се посветени да ги поддржат државите од Западниот Балкан на нивниот пат кон европска интеграција и членство во клучните европски и евроатлантски институции. Работиме со државите од Западниот Балкан и нашите европски партнери за добро владеење, владеење на правото и реформите за борба против корупцијата, како и промоција на независни медиуми и силно граѓанско општество, рече Прајс.
Додаде дека САД се посветени да им помагаат на државите од Западниот Балкан да го продлабочат нивното регионално економско партнерство, да ги исполнат нивните климатски цели, да се справат со рускиот енергетски притисок преку разновидност и развој на чиста енергија, и да се борат против корупцијата и организираниот криминал.
Прајс изјави дека САД, исто така, сакаат да му помогнат на регионот да се развива и напредува, заштитувајќи ги стратешката инфраструктура и индустрии од кинеските злонамерни практики.
– Покрај нашите цврсти економски врски со регионот, САД ги ценат партнерствата во одбраната и безбедноста, вклучително и со нашите најнови НАТО сојузници, Црна Гора и Македонија. Имаме намера уште повеќе да ја зголемиме таа соработка, преку заеднички вежби, операции и набавки, се вели во изјавата на Прајс.