Американскиот Стејт департмент подготвува ограничена серија пасоши со ликот на Доналд Трамп, по повод 250-годишнината од независноста на Соединетите Американски Држави.

Според информациите објавени од „Fox News“, ликот на Трамп ќе биде поставен на внатрешната страна од корицата и ќе наликува на неговиот официјален портрет од вториот мандат.

Освен портретот, делумно ќе биде изменет и надворешниот изглед на пасошот. Натписот „Соединети Американски Држави“ ќе биде со поголем фонт и поставен над државниот грб.

На задната страна ќе биде прикажано првото американско знаме од 1777 година, со 13 ѕвезди, како и бројот 250, кој ја симболизира годишнината од независноста.

Од Стејт департмент велат дека пасошите ќе бидат достапни во ограничен број и ќе се издаваат само во канцеларијата за пасоши во Вашингтон, додека траат залихите.

Издавањето се очекува да започне паралелно со серија настани со кои ќе се одбележи годишнината, меѓу кои автомобилска трка на Националниот мол, свечена програма меѓу Капитол и Споменикот на Линколн, како и настан со мешани боречки вештини на тревникот на Белата куќа.

Најавата за пасош со ликот на Трамп веќе предизвика реакции на социјалните мрежи. Дел од критичарите оценуваат дека вакви потези се невообичаени за демократски држави и повеќе наликуваат на практики карактеристични за авторитарни режими.