Изминатите два дена во Охрид се одржа Првата меѓународна конференција во рамки на Преспа форумот за дијалог, во организација на Министерството за надворешни работи, а под покровителство на Владата, на која учество земаа околу 300 високи домашни претставници, но и високи претставници на Европа и САД, меѓу кои премиери, претседатели, министри, генерални секретари на меѓународни организации, европратеници, претставници на граѓанскиот сектор.

Сите едногласни дека регионот на Западен Балкан е природен дел од Европа, блокирањето на преговорите со Македонија и Албанија е неправедно, но и непрактично од геостратешка гледна точка. Пристигнаа пораки и дека билатералните спорови кои задиираат во историјата се непродуктивни, бесмислени, нешто што е надвор од контекст на европските вредности, но и дека со јунската одлука на Унијата се поткопува нејзиниот кредибилитет.

На Конференцијата присустуваа високи претставници на САД, помошник-државниот секретар на САД задолжен за Европа и Евроазија, Филип Рикер и американскиот заменик-помошник државен секретар, кој е специјален претставник за Балканот, Метју Палмер.

Двајцата со силна поддршка од САД за евроинтегративниот процес на Македонија и забелешка дека со блокадата за почеток на преговори со земјава и Албанија, геополитичките конкуренти агресивно се обидуваат да го нарушат кредибилитетот меѓу САД и ЕУ, а и самиот регион се сомнева во интегритетот на заедничката колективна определба.

Рикер на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев по завршувањето на Конференцијата порача дека пристапувањето на Македонија во ЕУ ќе ја зголеми не само регионалната, туку и стабилноста на Европа.

-САД ги поддржуваат земјите-членки на ЕУ да ја одржат првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и со Албанија и без одложување да ги остварат своите заложби и ветувања, Истакна Рикер.

Последните одлуки што ги блокираа евроинтегративните процеси на земјава, според Рикер, го поткопуваат кредибилитетот на ЕУ во регионот и во меѓународни рамки и се испраќа погрешен сигнал дека ЕУ го напушта регионот.

– Не верувам дека тоа е така и затоа порачуваме дека е потребно неодложно отпочнување на претпристапните преговори и за Северна Македонија и за Албанија, истакна Рикер.

Палмер, пак во текот на панелите на Конференцијата, нагласи дека блокадата влијае и на вложувањата на САД и ЕУ во регионот, а придонесува и за зголемување на скептицизмот и во самиот регион.

– Нашите геополитички конкуренти агресивно се обидуваат да го нарушат кредибилитетот меѓу САД и ЕУ, а и самиот регион се сомнева во интегритетот на нашата колективна определба, истакна Палмер.