ВМРО-ДПМНЕ го призна изборниот пораз во Брвеница, но обвини дека политичките противници воделе кампања заснована на етнички поделби, наместо на конкретни проекти и програми за развој на општината.

Портпаролот на партијата, Валентин Манасиевски, на прес-конференција им се заблагодари на граѓаните кои го поддржале нивниот кандидат Стојанчо Радичевски, нагласувајќи дека партијата е задоволна од освоените гласови, иако тие не биле доволни за победа, објави 4news.mk

Според Манасиевски, ДУИ во изборната трка користела националистичка реторика, а во вториот круг добила директна или индиректна поддршка од СДСМ, Левица и Вреди.

„Додека ние ја потенциравме силата на единството за една Брвеница за сите, нашите опоненти максимално го искористија национализмот и повикаа гласањето да биде врз основа на етничка припадност, а не врз основа на програма, визија и проекти“, изјави Манасиевски.

Тој тврди дека ВМРО-ДПМНЕ освоила 1.300 гласови повеќе во споредба со последните парламентарни избори, што, според партијата, претставува раст на поддршката.

Манасиевски упати критики и кон коалицијата Вреди, оценувајќи дека ја пропуштила можноста да покаже поинаков политички пристап од ДУИ. За кандидатите на СДСМ и Левица рече дека биле „тројански коњ“ во корист на ДУИ, обвинувајќи ги дека придонеле за поделба на гласачкото тело.

„Сами против сите. Го почитуваме резултатот, а волјата на граѓаните е неприкосновена“, порача портпаролот.

И покрај изборниот пораз, од ВМРО-ДПМНЕ уверуваат дека Брвеница нема да биде заборавена и дека Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски ќе продолжи да вложува во развојот на општината.