Инвестициите не носат само нови поврзувања, тие го редефинираат начинот на кој Европа се гледа себеси и својата позиција во светот, порача Матеј Закоњшек, директор на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница на отворањето на Самитот за инвестиции во транспортот „Обезбедување раст и конкурентност преку поврзување“ што се одржува денеска во Солун.
Како што посочи Закоњшек, транспортот не се состои само од инфраструктурата и не се работи, рече, само за возовите, за авионите, за патиштата, туку за луѓето. – Премногу често го мериме нашиот успех во километри или во тонажа. Но, она што го носи поврзаноста, а тоа е уникатноста на нашата работа и нејзината цел, е поврзаноста што го овозможува животот на нашите луѓе, животот на нашите заедници, животот на нашите бизниси. Пациентите да стигнат до медицинска нега, студентите да стигнат до образование, претприемачите да стигнат до нови пазари и нашите заедници да напредуваат. Самата поврзаност не е целта. Целта е таа да донесе можности за сите нас. Нашиот регион во овој поглед, нашиот прекрасен дел од Европа, не е периферија. Тој е срцевината на новата европска политика за поврзаност, рече Закоњшек.
Еврокомесарот за транспорт и мобилност, Апостолос Цицикостас посочи на важноста од постојани инвестиции во железницата, патиштата, пристаништата, аеродромите ширум регион.
ЕУ веќе дава невиден придонес за регионот на Западен Балкан преку Планот за раст.
Сепак, само јавното финансирање секако не е доволно. Предизвикот пред нас, затоа, не е само да мобилизираме финансирање, туку да мобилизираме партнерства меѓу владите и меѓународните финансиски институции, меѓу регионалните партнери и меѓу јавниот и приватниот сектор. Успехот на проширувањето на ТЕН-Т (Трансевропската транспортна мрежа) зависи од регионалната соработка. Транспортните коридори не запираат на националните граници. Железницата е ефикасна само толку колку што е ефикасен нејзиниот најслаб прекуграничен дел, рече Цицикостас.
Како што јави известувачот на МИА од Солун, за клучните тековни и идни инфраструктурни проекти дебатираат претставници од седум европски држави и од меѓународни финансиски институции, а Македонија ја претставува заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски. Тој ќе се обрати на панелот „Остварување на проширувањето на TEN-T: Приоритети на инфраструктурата и инвестициски предизвици во Западен Балкан“,
каде ќе ги претстави тековните и идните проекти во патната и железничката инфраструктура на коридорите 8 и 10 и ќе укаже на важноста од координиран пристап за инфраструктурното поврзување.
Во рамки на Самитот, Николоски ќе има бројни билатерални средби.
Самитот го организираат Министерството за инфраструктура и транспорт на Грција, Транспортната заедница, Европската банка за обнова, развој и Европската инвестициска банка, со поддршка на Инвестициската рамка за Западен Балкан.
