Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната седница на Собранието посветена на пратеничките прашања се осврна на очекувањата од последниот Самит на Берлинскиот процес кој се одржа во Црна Гора.
Тоа што се случуваше на Самитот во Црна Гора е продолжение на она што го зборувавме на Самитот во Лондон. Практично канцеларот Мерц најави што е тоа што го очекува од земјите од Западен Балкан, но и која е генерално стратегијата на самиот Берлински процес, но и стратегијата на Европската Унија кога станува збор за проширувањето. Во Лондон рече дека таму на Балканот има премногу проблеми, јас сум адвокат, ќе составам еден договор, сите ние треба да седнеме и да го потпишеме тој договор, за да може да одиме напред без проблеми. Ние во ЕУ не сакаме регион кој ќе ни донесе проблеми внатре. И тоа беше главната порака уште на самитот во Лондон, која потоа преовладуваше и на Самитот во Црна Гора – рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека Европа е соочена со предизвици на тоа што се случуваше, се случува и ќе се случува.Тој потсети на последиците кои ги предизвика референдумот во Исланд, покраинските избори во Германија, но и последиците од глобалните случувања во светот кои ескалираа со протести во многу од европските земји.
Сето тоа предизвикува внатрешен немир во рамките на самата ЕУ. Потоа војната во Украина, која сама по себе претставува предизвик, зимата која што доаѓа, енергенсите кои што во оваа зима требаат, пред се тука мислам на гас и други енергенси и нормално финансискиот пазар кој што предизвикува одреден вид на извесност во светот, зошто, затоа што многу земји во светот се фокусирани кон домашните проблеми и го зголемуваат буџетскиот дефицит. Имаме многу моќни држави во светот кои имаат буџетски дефицит кој не е во рамките на оние 3 – 3,5% туку е многу поголем. Тој буџетски дефицит треба да се покрива со заем од домашен или надворешен пазар. Сето тоа создава одреден вид притисок врз политичките елити на тие држави, а сите овие фактори влијаат да се создаде една поинаква атмосфера од пред неколку години – објасни Мицкоски
Според него наметнат е амбиентот дека живееме во тивка трета светска војна, а на сето тоа се надоврзуваат и политичките предизвици внатре или меѓу земјите во Западен Балкан.
Во овој момент преовладува чувството дека сите некако се фокусираат на домашните предизвици, посебно оваа зима. Во форма на куртоазија секогаш ќе испратат порака за проширување, но суштината е дека полека, но сигурно европските држави се фокусираат на домашните предизвици-рече премиерот.
Тој додаде дека Хрватска има сопствени 8 услови кои се однесуваат на Црна Гора, односно најмалку 2 затворања на поглавја се условени со исполнувањето на тие дополнителни 8 услови.
Дел од нив не се некој поголем предизвик за црногорската влада, но дел претставуваат предизвик бидејќи претставуваат регулирање на морската граница. Процесот на приклучување на Црна Гора кон ЕУ и покрај тоа што оние го драфтуваа договорот за приклучување и покрај тоа што очекуваа дека кон крајот на годината ќе ги затворат поглавјата, тоа мислам дека така едноставно нема да оди. Главната порака која ја пренесе канцеларот Мерц и Бенџамин Хадат, кој што е член на владата на Франција и личен пратеник на претседателот Макрон, е дека билатералните прашања некако како да го оптоваруваат овој процес на приклучување на земјите на Западен Балкан во самата ЕУ и треба полека, но сигурно да се ослободиме од тој товар и напредокот да го цениме според заслуги – рече Мицкоски.
Тој истакна дека надежта се уште постои и големите земји испратија пораки за проширување, но сепак постојат сериозни предизвици кои имаат поголем приоритет од самото проширување.
