Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, денеска пред новинари потврди дека останува на одлуката за самостоен настап на Алијанса на локалните избори, дури и ако тоа значи напуштање на Владата. Тој најави нова средба со премиерот Христијан Мицкоски, најверојатно во понеделник, но нагласи дека нема да отстапи од своите советнички листи.
Таравари за самостоен настап на Алијанса
„Подобро ми е да имам пет градоначалнички места отколку две министерски. Очекувам следната недела да имаме уште една средба со премиерот Мицкоски за отворените прашања, но останувам на ставот за свои советнички листи на локалните избори“, изјави Таравари.
Тој потенцираше дека одлуката за самостоен настап на Алијанса е цврста, иако е свесен за можните последици врз неговата позиција во Владата. Таравари истакна дека преговорите со Мицкоски ќе продолжат, но не очекува промена на неговиот став.
Лојалност на пратениците од Алијанса
Клучно прашање е како евентуалното излегување на Таравари од Владата ќе влијае врз парламентарното мнозинство. Неговите пет пратеници од Алијанса за Албанците тврдат дека остануваат лојални. Пратеникот Халил Снопче, кој сè уште е координатор на пратеничката група на Вреди, за Канал 5 изјави:
„Во овој момент ние имаме одлука само за самостоен настап за советничките листи. Оваа одлука веќе е поддржана и од страна на пратениците. Секоја одлука за градоначалниците убеден сум дека повторно ќе застанеме консензуално, без оглед на личните мислења.“
Снопче нагласи дека пратениците ќе ги поддржат одлуките на Централното претседателство на партијата, што ја зајакнува позицијата на Таравари во преговорите.
Ултиматум од ВМРО-ДПМНЕ и Вреди
По првата средба меѓу Мицкоски и Таравари, од Владата соопштија дека конечната одлука за учеството на Алијанса во коалицијата ќе се донесе до крајот на месецот. Ивица Томовски, директор на СОЗР и член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, во емисијата „Само интервју“ беше јасен:
„Таравари може да остане во Владата само ако се врати во коалицијата Вреди.“
Томовски додаде дека без враќање во Вреди, Таравари нема да добие поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори. „Ќе ги поддржиме кандидатите на Вреди“, рече тој, исклучувајќи можност за предвремени парламентарни избори заедно со локалните.
Лидерот на Вреди, Биљал Касами, пак, смета дека прашањето за Таравари во Владата е затворено.
„Таравари ќе биде министер уште неколку дена. Во Владата нема место за оние што соработуваат со ДУИ“, изјави Касами.
Тој тврди дека Мицкоски ја поддржува оваа позиција и очекува конкретни чекори во наредните денови.
Извор: Kanal 5