Во Музејот на современа уметност – Скопје вечерва ќе биде отворена самостојна изложба на уметникот Ахмет Огут насловена „Скокни!“.
Кураторки на изложбата се Мира Гаќина и Јованка Попова.
-Проектите на Ахмет Огут во голема мера се однесуваат на собирање локални приказни и барање сличности на друго место. За изложбата во МСУ – Скопје, уметникот ќе изработи ново дело насловено „Скокни!“. Делото е инспирирано од чинoт на солидарност, кога по скопскиот земјотрес во 1963 година, светски познати уметници подарија свои дела, а МСУ – Скопје станува симбол на солидарноста и дом на исклучителна колекција на современа уметност во земјата. Огут ќе постави дел од делата од колекцијата, по негов личен избор, високо над окото на набљудувачот, во изместен хоризонт, кој реферира не само на поместениот баланс при земјотресот, туку и на поместување на политичкиот хоризонт и нивната меѓусебна поврзаност, информираат од Музејот.
Ахмет Огут е роден 1981 година. Живее и работи во Амстердам, Берлин и Истанбул. Самостојно изложувал во повеќе музеи и институции низ светот меѓу кои Ван Абемусеум, Кунстверајн Дрезден, Кунстхал Шарлотенборг. Изложувал на бројни групни претставувања во Музејот Стеделијк Амстердам, Музејот на современа уметност во Сеул, 13. Биенале во Лион, 5. Биенале на визуелни уметности, Њујорк, 12. Истанбулско биенале, Триеналето на Новиот музеј, Њујорк, 5. Берлинско биенале за современа уметност. Огут ја претставувал Турција на 53. Биенале во Венеција во 2009 година. Бил резидентен уметник на Ријксакадемија, Амстердам во 2007-2008 година и Фондацијата Делфина, Лондон, во соработка со Тејт, во 2012 година.
Изложбата „Скокни“ во МСУ Скопје се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија, Асоцијацијата Саха од Турција, ЕВН Македонија и Тиквеш.