Во текот на учебната година во 2020 година, Јапонија регистрираше 415 самоубиства меѓу ученици на возраст од 6 до 18 години – најголем број од 1974 година, откако се води евиденција, пренесува Си-Ен-Ен.
Постојат голем број фактори зад самоубиствата, вклучувајќи семејни проблеми, лоши резултати во училиштето, односи со други деца и болести, објави јапонскиот јавен сервис НХК.
Причината за повеќе од половина од самоубиствата пријавени минатата учебна година е непозната, соопшти НХК.
Бројот е 31 отсто поголем од претходната учебна година, кога 317 ученици извршиле самоубиство.
– Зголемувањето на бројот на самоубиства е нешто што укажува на алармантна ситуација, изјави за НХК Егучи Аричика, шеф на одделот за деца и студентски прашања на јапонското Министерство за образование.
Јапонското Министерство за образование спроведува годишно истражување во училиштата на сите нивоа и собира податоци за самоубиства, малтретирање и самоволни отсуства од училиште.
Извештајот објавен вчера, исто така, покажа дека повеќе од 190.000 ученици од основните и средните училишта биле надвор од училиште 30 дена или повеќе минатата учебна година, објави НХК. Тоа е рекордно висока бројка и зголемување од осум проценти во однос на претходната година.
– Резултатите покажуваат дека пандемијата предизвика промени во училишната и семејната средина и имаше влијание врз однесувањето на децата, рече Егучи.
Тој додаде дека Министерството сака да го олесни пристапот до начините на кои луѓето можат да добијат помош и да обезбеди децата што не можат да посетуваат училиште да продолжат да учат.
Се уште не е јасно до кој степен затворањето и изолацијата за време на пандемијата придонесоа за зголемување на отсуството. Основните и средните училишта беа затворени во Јапонија од март до крајот на мај 2020 година. Јапонската учебна година започнува во април и завршува во март следната година.
Истражувањето покажа дека околу 30.000 ученици биле отсутни од училиште 30 или повеќе дена поради загриженост за пандемијата на коронавирусот, објави НХК.