„Самоубиството можеше да биде спречено“: Јавноста со коментари по трагедијата во Тафталиџе
Македонската јавност е во шок по трагедијата во Тафталиџе, каде мајка и малолетна ќерка го загубија животот по пад од зграда. По информациите дека сопругот имал обемно криминално досие, бројни реакции ја преплавија јавноста, со пораки дека одговорноста не смее да се бара кај жртвата, туку во институциите.
Тиана Ивановска: „Она што го гледаме однапред, јавноста го гледа предоцна“
Психологот Тиана Ивановска реагираше по трагедијата, посочувајќи дека со години сведочи на институционална глувост и неефикасност во постапувањето по случаи на семејно насилство.
Таа опиша примери на, како што наведува, несоодветни постапки при транспорт на жртви и доцнење со изрекување мерки за заштита. Според неа, честопати насилниците остануваат неказнети или добиваат само формални предупредувања, додека ризикот по жртвите се игнорира.
„Тоа што ние го гледаме однапред, вие го гледате отпосле, откако ќе се случи смртен случај“, наведува Ивановска, повикувајќи на темелна проверка на сите институционални постапувања.
Розалија Секулоска: Шок, негирање и токсична динамика
М-р психолог и психотерапевт Розалија Секулоска објаснува дека жртвите на насилство често се наоѓаат во состојба на шок и негирање по првиот напад.
Според неа, наместо да го препознаат насилството, жртвите го рационализираат или го потиснуваат, носејќи одлуки под притисок од околината и од страв од последици.
Таа посочува дека во такви ситуации се развива токсична динамика во односот, при што улогите меѓу партнерите постојано се менуваат, што дополнително го отежнува излегувањето од насилната средина.
Ина Многуфина: „Не осудувајте од дистанца“
Со реакција се огласи и инфлуенсерката Ина Многуфина, која порача дека не треба да се суди од позиција на набљудувач.
Таа истакна дека не секоја жена има каде да замине или поддршка од семејството, како и дека институциите треба да утврдат каде евентуално случајот бил закочен.
Во својата реакција повика на нови законски решенија и поефикасно спроведување на постојните прописи, нагласувајќи дека без суштински промени ќе продолжат да се повторуваат вакви трагедии.
Јавноста во своите коментари бара темелна анализа на случајот, лоцирање на евентуалните пропусти и конкретна одговорност.
Ивана Белчева: „Ако реагираа службите, можеби ќе беа живи“
Долгогодишната активистка Ивана Белчева во изјава за Рацин.мк опиша настан од 19 декември 2025 година во Ѓорче Петров, кога, како што наведува, била сведок на јавно насилство врз сега починатата жена.
„Со сопругот излеговме од супермаркетот Тинекс и начекавме ситуација во која сопругот ја тепаше својата сопруга во присуство на љубовницата, додека детето вриштеше и бараше помош“, вели Белчева.
Таа посочува дека веднаш повикала полиција и алармирала кај социјалните служби. „Како долгогодишна жртва на семејно насилство, во едно сум сигурна – ако социјалните служби реагираа и ако има систем во оваа држава, девојчето и мајката можеби ќе беа денес живи и здрави“, додава таа.
