Јавното обвинителство најпрво ќе ја анализира писмено изработената пресуда за предметот „Талир 2“, а дури потоа ќе одлучи дали ќе поднесе жалба на ослободителната судска одлука, изјави денеска државниот јавен обвинител Ненад Савески.

Одговарајќи на новинарско прашање дали Обвинителството ќе ја обжали пресудата, Савески посочи дека и во овој, како и во сите други предмети, одлуката ќе биде донесена по разгледување на целосното писмено образложение.

„Не можам да ви одговорам сега бидејќи, како и во секој предмет, така и во овој, ќе се чека писмената верзија на пресудата. Целото образложение ќе се анализира и тогаш ќе се донесе одлука дали судот го убедил Обвинителството со својата одлука и образложение или не“, истакна државниот јавен обвинител.

Во врска со забелешките дека Обвинителството вообичаено најавува жалби по ослободителни пресуди и дека дел од аргументите биле изнесени уште при усното образложение во судницата, Савески рече дека лично не присуствувал на изрекувањето на пресудата.

Тој се осврна и на критиките од политички партии дека повлекувањето на овластувањата на обвинителката Ленче Ристоска влијаело врз исходот на предметот „Талир 2“, оценувајќи дека таквите тврдења не се засновани на фактите.

Според Савески, повлечените овластувања се однесувале на постапување на обвинители во предмети за кои не биле надлежни во рамките на своето обвинителство, додека Ристоска во конкретниот случај била надлежен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје.

„Токму овој предмет, доколку таа не поднесеше оставка, ќе беше во нејзино надлежно постапување. Во овој предмет моето повлекување на овластувањата никако не можеше да се смета дека имало последица да ѝ биде одземен предметот. Доколку останеше, таа ќе работеше на овој предмет“, потенцира Савески.

Тој додаде дека јавноста треба да ја слушне и, како што рече, „оваа страна од вистината“, нагласувајќи дека одлуката на обвинителката Ленче Ристоска да поднесе оставка била нејзина лична одлука.