Социјалдемократски сојуз на Македонија  бара итни оставки од министерот за здравство Сашо Клековски, директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска и од сите други одговорни лица кои, како што велат од партијата, со своето непостапување и криење на информации придонеле за масовното труење на жителите на Гостивар.

Според опозициската партија, иако загадувањето на водата во Гостивар започнало уште на 25 јуни, здравствените и инспекциските органи наместо веднаш да реагираат, со недели молчеле и дозволиле граѓаните да консумираат загадена вода.

„Обвинителството и надлежните институции ја ставија бирократската процедура и наводната ‘тајност на истрагата’ над уставното право на граѓаните на безбедна животна средина и здравје. Уште пострашно е што, и покрај сознанијата дека водата е загадена, само неколку дена пред отворањето на истрагата, институциите јавно ја прогласија водата за безбедна. Истрагата не е иницирана од здравствените институции, туку Основното јавно обвинителство морало да постапи по допрен глас. Ова само по себе говори за целосен институционален колапс“,се вели во соопштението од СДСМ, објавено утрово.

Како најсериозен проблем оттаму го оценуваат однесувањето на Јавното обвинителство поради, како што наведуваат од СДСМ, инсистирањето на тајност на истрагата. Според социјалдемократите, ваквиот став на Обвинителството е изговор за непреземање мерки за заштита на јавното здравје и претставува опасна замена на тези.

„Квалитетот на водата за пиење не е истражна тајна. Тоа е јавноздравствен факт кој во секој момент мора да биде познат на граѓаните. Објавувањето на забрана за пиење на водата поради микробиолошки отстапувања апсолутно немаше никако да ја компромитира истрагата. Наместо тоа, ОЈО тактизирало, а здравствените власти молчеле, дозволувајќи епидемијата да се прошири. Резултатот е масовно труење со над 3 100 регистрирани пациенти“,велат од СДСМ.

Поради ова, од опозициската партија оценуваат дека сите што учествувале во, според нив, прикривање на информации за квалитетот на водата, а потоа и во прикривање на доказите, како и оние што имале индиции за загаденоста на водата, а не презеле ништо за превенција и заштита на здравјето на гостиварци, мора да сносат не само морална, туку и кривична одговорност.

Ова, велат од СДСМ, се однесува на целиот синџир на одговорност – министерот за здравство, Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), локалните центри за јавно здравје и сите службени лица што имале обврска да дејствуваат, според опозициската партија, свесно не го сториле тоа.

„Наместо да се кријат зад ‘тајност на истрагата’, овие институции и нивните раководители треба веднаш да понесат одговорност. Повикуваме на итни оставки од министерот за здравство, директорот на Институтот за јавно здравје, како и од сите одговорни лица во синџирот кои со своето непостапување и прикривање директно придонесоа за масовното труење на граѓаните на Гостивар. Ставањето на формална процедура над човечкото здравје и живот е и правно и етички неприфатливо. Здравствените институции немаат право да ја користат тајноста на истрагата на обвинителството како изговор за сопственото непостапување“,велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

.