Блокадата на ДПМНЕ може да ја чини нашата земја 10 милијарди евра помалку фондови од ЕУ, велат од СДСМ.

Во продолжение соопштението на партијата

Блокадата на уставните измени и продолжувањето на европскиот пат од страна ДПМНЕ, не само што предизвикува изолација на државата и застој на евроинтергациите, туку значително неповолно ќе влијае на економските придобивки за економијата и граѓаните.

Блокадата од страна на ДПМНЕ може да ја чини нашата земја 10 милијарди евра помалку фондови од ЕУ.

Само во досегашниот евроинтегративен процес на земјата, преку ИПА, грантови за енергетската криза, макроекономска помош, поддршка за малите и средните компании, помошта за ублажување на економските последици од пандемијата, образовните и други програми во државата се слеаја над 1,2 милијарди евра од европските фондови.

Во перспектива, со забрзување на евроинтеграциите и полноправното членство, програмите и фондовите на ЕУ можат да бидат 11 пати повисоки од овие што ги имаме досега.

За жал, блокадите на ДПМНЕ ќе доведат до загуба на овие значајни финансиски прилики за државата, бизнисот и граѓаните.

Тие, исто така, ја ускратуваат шансата за голем скок на платите и раст животниот стандард на граѓаните, со оглед на фактот што, во првите пет години по зачленувањето во ЕУ, растот на платите во земјите членки на ЕУ се движеше од над 50 отсто, па се до 100 отсто.

Првите пет години по членството, кај државите од ЕУ, стапките на раст на БДП се зголемиле од 80 до 90 отсто, но во случај на непродолжување со интеграциските процеси, тие стапки за нашата држава може да останат недостижни, исто како и отворањето вратите кон европскиот пазар со 500 милиони потрошувачи за македонските компании.

Придобивките од членството во ЕУ се огромни, сега имаме единствена можност, отворена врата за европскиот пат и оваа шанса треба да се искористи. Тоа го сакаат 80 отсто од граѓаните.

Како што обезбеди членство во НАТО, како што обезбеди почеток на преговори со ЕУ, така СДСМ заедно со европскиот блок ќе обезбеди членство во ЕУ, и покрај блокадите од ДПМНЕ и Левица.