СДСМ реагираше по средбата на премиерот Христијан Мицкоски со генералниот секретар на Интерпол, Валдеси Уркиза. Од партијата порачаа дека борбата против организираниот криминал не смее да остане само на изјави, туку мора да биде проследена со конкретни истраги.

Од СДСМ го повикаа Мицкоски, доколку навистина е посветен на справување со криминалот, да побара истрага за случајот со, како што наведуваат, петте тони дрога што поминале низ македонската граница и царина.

Во соопштението, партијата тврди дека дел од дрогата завршила во Србија. Од СДСМ бараат да се утврди како е можно толкава количина наркотици да ја помине државната граница без знаење на надлежните институции.

Партијата обвинува дека Владата не дава одговори за овој случај. Според СДСМ, наместо декларативна борба против криминалот, потребни се конкретни истраги и одговорност.

Од партијата оценуваат дека соработката со Интерпол ќе има вистинска смисла само ако институциите целосно ги расчистат случаите поврзани со организираниот криминал и ги утврдат сите евентуални одговорности.