Во Неготинско и во Тиквешијата има сериозни проблеми со откупот на грозјето, а дел од лозарите веќе почнале да ги сечат и копачат лозовите насади, соопшти опозицискиот СДСМ, од каде што бараат Владата итно да преземе мерки за поддршка на лозарите.
Според СДСМ, особено проблематичен е откупот на црното грозје, односно вранецот. Од партијата велат дека грозјето останува по лозјата и скапува, додека лозарите, кои во текот на годината имале високи производствени трошоци, се соочуваат со неизвесност дали и по која цена ќе го продадат родот.
„Нема откуп на грозје. Вранецот не се откупува. Грозјето скапува по лозјата, лозарите се беспомошни“, наведува СДСМ во соопштението.
Опозициската партија предупредува дека проблемот може да има последици и по иднината на лозарството во Тиквешијата, доколку производителите продолжат да ги напуштаат или уништуваат насадите поради економската неисплатливост на производството.
СДСМ ја повикува Владата и Министерството за земјоделство да интервенираат и да обезбедат откуп, а воедно ја критикува Владата поради, како што наведува, недоволна поддршка за лозарите.
Од СДСМ потсетуваат дека нивната пратеничка група предложила три конкретни мерки: зголемување на откупната цена за пет денари по килограм, укинување на осумпроцентниот попуст што, според нив, се бара при побрза исплата, како и интервентен откуп од страна на државата на црното грозје што ќе остане непродадено.
Од партијата истовремено ја критикуваат Владата за трошењето средства за јавни настани и концерти, оценувајќи дека приоритет треба да биде обезбедувањето поддршка за земјоделците.
„Лозарите не бараат милостина. Бараат фер цена, сигурен откуп и држава која ќе застане зад нив“, велат од СДСМ.
Од опозициската партија бараат Владата итно да реагира со конкретни мерки за откуп на грозјето и заштита на лозарите, предупредувајќи дека без навремена интервенција проблемот може да се претвори во долгорочна криза за лозарското производство во Неготинско и пошироко во Тиквешијата.
