Владејачката партија тврди дека ја помага домашната економија, опозицијата пак смета дека поради погрешните политики бројот на лица кои живеат во сиромаштија е околу 600.000.
СДСМ ги враќа парите кај граѓаните, во семејните буџети, го зголемува животниот стандард и достоинството на граѓаните, а истовремено ги помага домашните компании, се бори против сивата економија и ја враќа довербата во институциите, се вели во соопштение на партијата.
Оттаму додаваат дека Управата за јавни приходи преку проектот МојДДВ на 399.000 корисници од различна возраст, во изминатите две години им исплати над две милијарди денари, односно 36,3 милиони евра, како дел од ДДВ искажано во фискалните сметки.
Во првата година преку МојДДВ, вратени се над 670 милиони денари, а во втората година од повратот на ДДВ преку скенираните фискални сметки, назад кај граѓаните завршиле 1,5 милијарди денари. Во првото тримесечје од оваа година на граѓаните им се исплатени речиси 414 милиони денари.
Според партијата, МојДДВ само покажува дека ова е еден од најдобрите и најуспешните проекти на владата предводена од СДСМ.
– Граѓаните веќе со сигурност знаат дека на секои три месеци на нивните трансакциски сметки се исплаќа повратот на ДДВ-то, но знаат и дека со тоа даваат свој придонес во борбата против сивата економија. Со редовната исплата на повратот на средствата од ДДВ-то, ја зголемуваме довербата во институциите, велат од СДСМ.
Додаваат и дека за купените македонски производи, веќе неколку месеци се враќа дел од ДДВ во висина од 20%, со што се помага домашната економија.
– Помагаме данокот на граѓаните да заврши онаму каде што треба, за да обезбедиме подобри услови и поефикасни услуги, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, реагираат дека СДСМ лицемерно зборува за поврат на ДДВ, а во исто време нивната власт ја покачува струјата, воведува кризен данок во форма на зелена такса од 4 денари поскапо гориво за литар и најавува нов данок.
Од партијата соопштија дека за време на мандатот на власта предводена од Заев покачен е долгот на Македонија за нови 2,4 милијарди евра и тој сега е на рекордно ниво од 7 милијарди евра или 63% од БДП. Дополнително поради нивните погрешни политики само за една година затворени се 6.200 компании, има 60 илјади нови невработени, а бројот на лица кои живеат во сиромаштија е околу 600.000.
-Дека абер немаат од рационално трошење на народните пари говори фактот дека со ребалансот предвидуваат дури 124 милиони евра за договорни услуги, кои секогаш најнетранспарентно се трошат. Два ипол пати повеќе пари се предвидуваат за набавка на мебел, 20% повеќе пари за набавка на службени возила, 4,4 милиони евра за привремени вработувања, 13 милиони евра за дневници и патувања и други милиони други случаи на луксуз, поткуп и недомаќинско трошење.