Бројот на пациенти со стомачни тегоби во Гостивар значително се намалува, а во последните 24 часа медицинска помош на инфективното одделение побарале 11 пациенти, додека на педијатрија биле прегледани 14. Во болница се задржани двајца пациенти со благи симптоми.
Директорот на гостиварската болница Емри Бајрами вели дека бројките се во рамките на вообичаеното за овој период од годината и дека дел од случаите може да бидат поврзани и со сезонски вирози.
„Во последните 24 часа, на инфективното одделение медицинска помош побарале само 11 пациенти, додека на педијатрија медицинска помош побарале само 14 пациенти. Тоа значи дека имаме прилично значително намалување на бројот на пациенти. Во меѓувреме, на инфективното одделение имаме само два хоспитализирани случаи, со благи симптоми. Тие ќе останат таму два до три дена и потоа ќе бидат пуштени дома.“, додаде Емри Бајрами
Според него, фактот што сè уште има граѓани со болки во стомакот, дијареја и слабост не мора да значи дека сите случаи се директно поврзани со проблемот со водата.
„Ова сега може да се поврзе и со сезонските вирози, бидејќи и во другите години имало вакви случаи. Сепак, билансот не е поголем од претходните години.“, вели Емри Бајрами.
И покрај намалувањето на бројот на заболени и стабилизирањето на состојбата, кризната состојба во Гостивар останува во сила. Водата и натаму не се препорачува за пиење, а секојдневно се земаат примероци за анализа.
Контролите ќе продолжат сè додека во три последователни испитувања не биде добиен негативен резултат за присуство на бактерии, по што се очекува да биде дозволено повторно користење на водата за пиење.
