Во Музејот на македонската борба денеска ќе се одржи свечена академија по повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април. Како што соопшти организаторот – Демократски сили на Ромите, ќе биде претставен досегашниот постигнат напредок на Ромите во земјава.
На академијата поканет е државниот врв, претставници од локалната власт, а ќе присуствуваат амбасадорот на Индија назначен во Софија и министерот за надворешни работи од Индија, пратеници Роми од Србија и Хрватска…
Минатата година се навршија 50 години од одржувањето на првиот ромски конгрес, кој поради пандемијата со КОВИД-19 не се одбележа соодветно.
По повод Меѓународниот ден на Ромите, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација денеска ќе одржи прес-конференција на која ќе бидат објавени општи препораки донесени од КСЗД, кои се однесуваат на различни облици на дискриминација на Ромите.
Денот службено бил прогласен во 1990 година во Сероцк, Полска, местото каде што се одржал четвртиот Светски ромски конгрес на Меѓународната ромска унија во спомен на првата поголема меѓународна средба на ромските претставници кој бил одржан во Чесфилд крај Лондон од 7 до 12 април 1971 година.
На тој конгрес била донесена одлука за ромската химна за која била избрана песната Ѓелем, ѓелем (ромски): „Одев, одев“) и одлука за знамето за кое била одбрана сино-зелена двобојка со црвена точка во средината, симбол на напредокот и движењето, но и миграција на Ромите во текот на историјата.