Вработени во јавното претпријатие Паркови и зеленило – Флораком од Скопје денеска го почнаа пошумувањето на дел од опожарените површини околу Кочани, а за што компанијата А1 Македонија донираше 600 садници од видот јасен.
Засадувањето на младите стебла се реализира на ридот Драчевик, на локацијата што најмногу настрада од шумскиот пожар на 2 август, а од кој беа зафатени куќи, објекти со добиток, земјоделска механизација и возила.
– Искуството од пожарите во текот на летото ни укажа дека не е добро заштитните зелени појаси околу градот да бидат со иглолисна шума, затоа што таа е лесно запалива, поради што пристапивме кон засадување листопадни и медоносни стебла. Со тоа ќе се постигне двоен ефект, односно ќе добиеме добар заштитен појас и рекреативни пешачки патеки во негова непосредна близина, а тоа ќе биде корисно и за пчеларите, чиј број е во пораст. Упатуваме благодарност до нашите пријатели од компанијата А1 Македонија за оваа донација, а очекуваме на ваквата благородна идеја да се приклучат и други општествено одговорни компании за што побрзо да се санираат штетите од пожарите, истакна Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.
Одговорните во ЈП Паркови и зеленило истакнаа дека пошумувањето се одвива без проблеми, временските услови се поволни, а се користи механизирана опрема.
– Садниците се од видот фраксинус еспе, што во јавноста е попознат како јасен, со височина од 1,8 метри. Планираме да ги засадиме во што пократок период, со што просторот ќе биде повторно облагороден, а граѓаните ќе добијат нов заштитен појас, истакна Александра Дамчевска од ЈП Паркови и зеленило.
При обезбедувањето на садниците, од компанијата А1 Македонија нагласија дека донацијата е со цел да се даде придонес во враќањето на природниот баланс и обновување на биодиверзитетот.