Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за продолжено кривично дело – Измама согласно член 247 став 3 во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Осомничената, во периодот од март 2022 до март годинава, прикажувајќи се како вработено лице во Германската амбасада во Скопје и во Министерството за внатрешни работи на РСМ, довела во заблуда осум оштетени лица од Гостивар. Целта и била, искористувајќи исти или слични прилики, да прибави за себе противправна имотна корист.

На жртвите им нудела да им обезбеди работни визи за Германија или сертификати за познавање на германски јазик, а во замена наплатувала парични средства. На тој начин, од сите оштетени, успеала да се стекне со вкупна противправна имотна корист од околу 18.500 евра. Откако ќе им ги земела парите, потоа повеќе не им се јавувала на телефонските повици.

Со цел обезбедување во секој од случаите поединечно, надлежниот јавен обвинител најпрвин предложи на два пати по 48 часа притвор за осомничената, а по истекот поднесе и предлог за определување мерка притвор. Со Решение на Основниот суд во Гостивар на осомничената и е определен притвор во траење од 30 дена.​​