Полицијата работи на расчистување на навредливите скандирања во Куманово

Секторот за внатрешни работи Куманово соопшти дека презема мерки за целосно расчистување на случајот поврзан со кошаркарскиот натпревар што се одигра на 2 август 2025 година во градската спортска сала. Поводот за полициската интервенција се навредливите скандирања од страна на дел од публиката, кои беа забележани на видео снимки.

Во рамките на истрагата, вчера биле повикани неколку осомничени лица, со кои бил извршен службен разговор. Полицијата најави дека по извршените анализи и во координација со Јавното обвинителство ќе следуваат конкретни законски чекори, вклучително и покренување кривични постапки против инволвираните.

Обвинителството издаде наредби за испитување на говорот на омраза

Паралелно со активностите на полицијата, Основното јавно обвинителство Куманово вчера потврди дека постапува по истиот настан. Од Обвинителството информираа дека до СВР Куманово издале повеќе наредби и насоки за испитување на можни елементи на кривично дело, поврзани со скандирањата кои содржеа говор на омраза.

Настанот се случи за време на натпреварот меѓу кошаркарските репрезентации на Македонија и Романија, а инволвираните лица засега не се официјално идентификувани.

За ваквото однесување на поединци се огласи и премиерот Мицкоски.

Мицкоски: Го осудувам ксенофобичното и националистичкото скандирање на натпреварот во Куманово

Кривични постапки против инволвираните

Како што се наведува во полициското соопштение, истрагата продолжува, а сите активности се спроведуваат во тесна соработка со Јавното обвинителство. Очекувањата се дека ќе бидат преземени соодветни кривични мерки за санкционирање на говорот на омраза, согласно важечките законски прописи.