Состојбата со западнонилската треска покажува знаци на смирување откако беа регистрирани осум смртни случаи и вкупно 58 заболени. На Клиниката за инфективни болести веќе четири дена не е примен нов пациент со симптоми на вирусот, но осум лица сè уште се на болничко лекување.
Од Клиниката информираат дека двајца од хоспитализираните пациенти се во критична состојба.
Осмата жртва на западнонилската треска е 70-годишен жител на Драчево. Тој подолг период бил во тешка здравствена состојба и имал дополнителни хронични заболувања.
Сите пациенти што моментално се лекуваат се на возраст над 60 години. Меѓу нив има и една жена со полесна клиничка слика.
Седуммина од заболените се од Скопје, додека еден пациент е од Свети Николе. Сите се заразиле во Македонија и не патувале во странство.
Годинава се регистрирани 58 случаи на заразени со вирусот Западен Нил и осум смртни случаи, што е повеќе во споредба со минатата година.
Сите починати се мажи на возраст од 62 до 83 години.
Епидемија е прогласена во општините Кисела Вода, Аеродром, Гази Баба, Бутел и Илинден, од каде што се регистрирани најголем број заболени.
