Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за реформската агенда и состојбата на опозицијата

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека партијата сериозно се подготвува за претстојните локални избори со цел да обезбеди историски резултат и да ја продолжи реформската агенда што е започната во земјата.

„Како политичка партија и како коалиција приоѓаме многу јасно и силно во оваа кампања затоа што сакаме да направиме историски резултат, да продолжи периодот на реформи, на сето она што денеска се гради во Македонија и затоа велам дека и покрај тоа што бројките велат дека Коњановски е победник уште во првиот круг и дека победата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе биде убедлива, ние до последен момент ќе се трудиме да обезбедиме глас повеќе, да убедиме повеќе граѓани да излезат на овие избори бидејќи само на тој начин можеме да ја потврдиме реформската агенда на Владата“, изјави Мицкоски при посетата на РЕК Битола.

Премиерот посочи дека локалните избори се загубени за опозицијата и дека таа ќе мора да се реструктурира и да стане конструктивна.

„Локалните избори за нив се загубени и таму ќе престои еден процес на реструктуирање, внатрешна катарза којашто им ја препорачувам за да се ослободат од некои, би рекол, стари времиња и да можат да бидат конструктивна опозиција и заедно да работиме за интересот на граѓаните“, додаде Мицкоски.

Тој најави дека на 3 септември Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи седница на која ќе бидат соопштени останатите кандидати за локалните избори што ќе се одржат во октомври.